Girl in a jacket

ДВИЖЕТЕ СЕ! - СПОРТОВИ КОИ СЕ ДОБРИ ЗА ЗГЛОБОВИТЕ

Причините за проблемите со зглобовите се различни: покрај возраста, вообичаени причинители се лошото држење, недостаток од вежбање, генетски предиспозиции, но и преголема тежина. Избегнувањето вежби ако имате проблеми со зглобовите не е решение, всушност, тоа е многу погрешно. Ова се спортовите кои се добри за зглобовите и го зајакнуваат вашето тело.

На нашите зглобови им треба движење, тие живеат од тоа. Вежбањето им ги обезбедува на зглобовите хранливите материи кои им се многу потребни. Хијалуронската киселина, која е главна состојка во нашата синовијална течност, ги подмачкува зглобовите за да можат да се движат. Таа дејствува како ублажувач на силите кои влијаат на зглобовите, на пример, кога чекориме.

Но ако го ограничиме движењето или ако сосема го елиминираме, се намалуваат хранливите материи како хијалуронската киселина. Слојот од рскавица во зглобовите е помалку подмачкан, рскавицата станува нееластична и зглобовите се тријат меѓу себе и предизвикуваат неудобност и болка

ЗАШТИТЕТЕ ГИ ЗГЛОБОВИТЕ, НАГРАДЕТЕ ГО ТЕЛОТО

 

 

Ако страдате од проблеми со зглобовите, соодветно движење е неопходно. Со овие спортови кои се погодни за зглобовите, ќе придонесете за здрави зглобови и ќе имате долготрајни придобивки за вашето тело.

ПЛИВАЊЕ

Пливањето влијае стимулативно не само на нашето тело, туку и на нашиот ум. Заради природната пловност на водата, нашето тело го чувствуваме лесно во водата, ние буквално лебдиме. Стресот на нашите зглобови се намалува на минимум кога пливаме. Особено се препорачува грбно пливање. Кога пливате на стомак, имајте на ум дека држењето на главата над водата може да предизвика проблеми со вратните пршлени, а движењето на нозете како жаба е напорно за менискусот.

НОРДИСКО ПЕШАЧЕЊЕ

Ако страдате од проблеми со колената, нордиското пешачење е одличен начин да ги тренирате зглобовите на колената. За разлика од џогирањето, со нордиско пешачење има многу помало оптоварување на зглобовите на колената. Кога пешачите, подобро одете на мека подлога, таа е подобра за вашите зглобови отколку цврстата подлога. И не заборавајте да носите водоотпорна облека, соодветна за годишното време.

ВОЗЕЊЕ ВЕЛОСИПЕД

Кога возите велосипед, ги движите зглобовите рамномерно и без голем стрес и притисок. Затоа возењето велосипед е идеално, особено за проблеми со колената и зглобовите на колковите. Одберете голема брзина на вртење на педалите со мал отпор. Кратките релации се добри за почеток, за да се навикнете на оптоварувањето. Исто така можете да тренирате и со велосипед за вежбање во сала за вежбање, без оглед на временските услови.

КРОС КАНТРИ СКИЈАЊЕ

Класичните зимски спортови ефикасно тренираат голем дел од нашите мускулни групи – и тоа без големо оптоварување како што се случува при алпското скијање. Значи, ако имате можност да одите на крос-кантри скијање во зима, искористете го. Ритмичките движења се здрави, а истовремено го ослободуваат нашиот ум од проблемите на секојдневието.

СПРАВИ ЗА ВЕЖБАЊЕ

Популарните справи за вежбање имаат свое место во секој фитнес центар и тоа е оправдано. Изедначените движења на справата за вежбање се нежни за зглобовите и затоа се совршена алтернатива на џогирањето. Особено за време на зимскиот период, кога подмрзнатите тротоари не се соодветни за шетање, редовните посети на фитнес центар се вистинската работа за вашето тело и ум. Како и кај сите спортови, основното правило е дека не треба да го изложувате вашето тело на големи оптоварувања ако не сте вежбале. Внимавајте кога го зголемувате интензитетот на тренингот. Ако имате можност, побарајте совет од професионален тренер, кој може оптимално да ве подготви за вашиот спорт и да ве информира за соодветни вежби.